Search form

ВРЕМЕНСКА
ПРОГНОЗА
  • Скопје
  • Битола
  • Охрид
  • Струга
  • Куманово
  • Тетово
  • Гостивар
  • Велес
  • Штип
  • Прилеп
  • Струмица
  • Гевгелија
  • Крива Паланка
  • Дебар
  • Неготино
  • Кавадарци
  • Берово
  • Виница
  • Радовиш
  • Валандово
  • Делчево
  • Кочани
  • Пробиштип

Ангела Јаневска: Здрава доза на конкуренција може да биде одлична мотивација

Можеби ја знаете како Angela Dissected, можеби ја следите како Rum Shtangla, таа е девојката со беспрекорен минималистички стил што изгледа подеднакво прекрасно и во патики и на високи потпетици.

Ангела Јаневска е звучно име во македонската модна блогосфера.  Нејзиниот блог е првиот блог за мода кај нас. Таа е девојката по чиј Инстаграм профил воздивнуваме поради одличната храна и на Твитер со насмевка ги споделуваме духовитите референци на нејзината професија: медицината. Разговорот со неа тече глатко, таа е скопската girl next door: шармантна, духовита и прекрасно облечена.

Твојот блог Аngela Dissected e првиот моден блог во Македонија. Во еден разговор со модните блогерки на шега рече дека си се чувствувала како Робинзон Крусо во модното блогирање додека не почнаа да се појавуваат нови имиња. Каков беше предизвикот тогаш, а каков сега да се води моден блог во Македонија?

Па мислам дека изградив сосема солидна колиба на островов (се смее). Ретроспективно гледано, воопшто не знам како успеав да соберам доволно мотивација за такво изложување пред светот. Не би рекла полесно ама дефинитивно беше поразлично, секој нов блогер имаше цел да изгради некаква своја заедница од следачи и блог пријатели со кои ќе си помага преку коментари и споделувања. Концептот е сосема поинаков кога тие пријатели стануваат реални личности со кои може да испиеш кафе како што се случи кај нас со појавувањето на прилично голем број нови девојки заинтересирани за ова хоби. Дознав дека постоењето на здрава доза конкуренција може да биде одлична мотивација, меѓутоа како најголема придобивка од постоењето на македонска модно блогерска заедница ќе го издвојам моментот од последниот FWSK кога конечно во првите редови видов луѓе кои навистина се заинтересирани за модата и не седат на модна ревија само за да бидат видени таму. Имам големи надежи дека наскоро ова ќе стане практика како и секаде во светот.

Со развојот на социјалните мрежи водењето на блогот станува понекогаш споредна платформа за изразување и кога одредена тема или изглед еднаш веќе се појавиле на Фејсбук, Твитер или Инстаграм, колку вреди истото да се пласира и на блогот?

Верувам дека наоѓам начин да функционира овој магичен круг на објавување на социјалните мрежи токму затоа што го правам по обратниот редослед, односно речиси никогаш не се појавило нешто прво на социјална мрежа па на блогот, бидејќи некоја секојдневна идеја или аутфит треба навистина да ги сметам за генијални за да поминат како пост откако веќе биле сосема спонтано објавени некаде. Секој пост го гледам како посебен проект за кој треба конкретна инспирација, па стратегија на sneak peek фотографија и наговестување за тоа што доаѓа, па добро планирана ненападна промоција.

Ти си исто така една од најследените инстаграмџики во земјава. На оваа платформа покрај твоите модни преференци видни се афинитетите кон храната и твојата прва љубов, медицината. Како би си го опишала својот Инстаграм профил? Дали сметаш дека кај нас инстаграмџиите можат да профитираат од нивните содржини пласирани на оваа социјална мрежа?

И покрај многуте обиди да го трансформирам Инстаграм профилот во тематски со оглед на популарноста на тој тип профили, остана мој личен фото дневник и како таков ми е доста драг. Уживам во дневната (сега веќе) обврска да се реши како креативно-математичка задача секоја фотографија. На тема профит, во последно време стана доста популарно светските блогерки да објавуваат конкретни суми од нивната инстазаработка, и според некои пресметки за секој пост би требало да добивам 7 евра. Се поставува прашањето - каде се моите 7 евра? Сакам да верувам дека трпеливо ме чекаат во процесот на развојот на онлајн маркетингот кај нас и дека еден ден ќе биде согледан тој огромен потенцијал, за кој веќе имам многу идеи кои чекаат на реализација.

Која е според тебе личната граница на споделување на различни платформи, со оглед на тоа дека модните блогери се лицето на својот бренд и дека следачите секогаш сакаат да знаат нешто повеќе. How much is too much?

И покрај тоа што често слушаме дека социјалните мрежи служат за градење на одредено алтер его, праксата покажа дека тоа его и не е толку далеку од оригиналот. Имам прилично строги правила за тоа што е вкусно а што не за споделување со виртуелни познаници, и како расте нивниот број, забележувам дека несвесно тие правила стануваат се построги. Можеби е малку лицемерно ова да го каже девојката со 30.000 твитови, ама интимата ми е подрага кога е интимна.

Низ годините твојот блог се менуваше и тоа е природна еволуција на нештата, меѓутоа твојата минималистичка естетика е главната нишка. Покрај другите, имаш и неколку фотосоработки со извонредната Ерина Богоева што по квалитет без сомнеж може да се носат рамо до рамо со професионални модни едиторијали. Дали некогаш си размислувала за кариера како модел?

Проблемот со минималистичката естетика е дека има долна граница! Во еден момент ќе нема веќе простор за поедноставување на стилот, ама ме радува дека целиот процес има уште неколку години за развивање. Некои работи се променија, некои воопшто, како фактот дека за добра фотографија ми е потребна извонредна комуникација и иста бранова должина со фотографот. Без сомнеж тоа е една од главните причини зошто соработките со Ерина ги сметам за толку успешни, и единствена поглавна би била дека реално таа е подарок од универзумот за фотографијата. Други работи кои се немаат променето се ставовите околу проширеното прашање - дали имам размислувано за кариера како модел во Македонија, и одговорот ќе биде ’тешко’.

Неодамна дипломираше на Медицинскиот факултет во Скопје и не планираш да застанеш таму. Дали би избрала кариера во модата наместо во медицината и кој би бил одлучувачкиот фактор?

Прашањево е потешко и од ’Nike 5.0 или Louboutin’! Сметам дека кариера во модата повеќе те бира тебе отколку ти неа, и еве веќе четврт век како ме нема избрано, додека со медицината сме во стабилна надежно профитабилна врска, така што и останувам верна. Објективно, не можам да кажам дека појавувањето на некој неверојатен пар Лобутинки од ведро небо нема да ги смени овие ставови, само дека немам време да ги барам на крајот на виножитото кога толку добро ми стои кломпа.

Објавено во | 04.09.2015 - 10:51
Тагови:

Лајкнете не на Facebook