Search form

ВРЕМЕНСКА
ПРОГНОЗА
  • Скопје
  • Битола
  • Охрид
  • Струга
  • Куманово
  • Тетово
  • Гостивар
  • Велес
  • Штип
  • Прилеп
  • Струмица
  • Гевгелија
  • Крива Паланка
  • Дебар
  • Неготино
  • Кавадарци
  • Берово
  • Виница
  • Радовиш
  • Валандово
  • Делчево
  • Кочани
  • Пробиштип

Бобан Илиевски: Првата грешка е што дотерувањето го правиме за други

Уличната мода пати од криза на идентитет, а не економските неможности.

Повод за разговорот со дизајнерот Бобан Илиевски беше неговата нова колекција есен-зима 2016, а причини секогаш има во изобилство. Неговата енергија е заразна и разговорот за модата во сите нејзини форми на постоење лесно преминува од една во друга тема. Модната приказна за „Шик андеркавер“ продолжува со неговиот препознатлив дизајнерски печат, а темата улична мода е скокотлива за Илиевски кој ја доби наградата Најдобар млад дизајнер од „Стилист“ за сезоната есен-зима 2013 на Модниот викенд.

Новата колекција ја подготви со добро проверен тим, повторно презентирана со лукбук наместо класична ревија. Дали би се вратил на тој начин на презентација или сосема зачекоруваш во новото време?
Некако се наметна мислењето дека поради претставување на колекција со лукбоок, по дифолт, сум се откажал од правењето ревија. Напротив, секоја колекција која што сум ја продуцирал за „Шик андеркавер“ како дизајнерска етикета била пропратена со лукбук или едиторијал, такашто тоа не е ништо ново. Правењето на ревија бара големи средства и време, а бидејќи таа иста ревија кај нас ја има само и исклучиво улогата на правење шоу за одредена маса на луѓе, тоа задоволство и тие 10 секунди аплауз ќе почекаат некое друго време.Апсолутен факт е дека денес интернетот како медиум е тој којшто може да даде интернационален живот на било кое творештво. Така и оваа сезонска колекција сосема спонтано ја направив од една идеја да го трансформирам пепитото како класичен сезонски принт во нешто крајно неконвенционално, а сепак многу версатилно и носливо. Лукбукот за колекцијата го спремив со Жарко Чулиќ како фотограф со којшто работам од самиот почеток на „Шик“. Ги сублимиравме идеите околу визуелниот изглед на еден концепт. Дарко Мишовски фантастичен мејкап артист, штотуку вратен од хрватската Модна недела, предложи Ангелина да изгледа трендовски со потполно природна ненаметлива шминка.

Парчињата од новата колекција несомнено кажуваат „Бобан Илиевски“. Оставаш траен печат со твојата естетика. Твоите креации одлично котираат на странскиот пазар, а и ти се почесто си надвор од границите на Македонија. Таму е инспирацијата, начинот на живот што ти одговара или?
Како предизвик нашиов пазар е премногу мал, или пак со премалку слух за уникатно дизајнерско парче, па не е ни чудо што јас и неколку мои колеги предизвикот за продажба го наоѓаме во странскиот пазар. На крајот на краиштата тоа е и единствен начин да видиме, до каде сме идејно и концепциски со останатите уметници во оваа бранша. Една етикета треба да е всушност самиот дизајнер и неговиот начин на кој ја дише и живее модата, и тоа треба да се препознава и реинвентирањето и растењето со секоја колекција треба да соодветствува со креативниот деец. Сакам да ја изненадувам публиката во насоките на размислување коишто ги нудам со секоја нова колекција и во никој случај да не стигнам до степен на инертност, и индиферентност од самата публика.

Кога да очекуваме колекција машка мода со оглед на тоа дека на социјалните мрежи редовно покажуваш вакви парчиња изработени по нарачка.
Точно, сите мои машки парчиња се направени по порачка за посебни клиенти кои знаат да ја носат мојата филозофија. Стои како идеја и продуцирање на машка колекција, можеби дури и следната да биде пропратена со по некое парче. Треба да ја почувствувам потребата за презентирање нешто толку комплексно, што не мора да значи дека нема да биде.

Дали сметаш дека од нашите дизајнери се издвојува карактеристичен македонски дизајнерски производ?
Кај неколку мои колеги апсолутно се познава и издвојува автентичен печат и производ, којшто сакале ние да признаеме или не, го калемиме врз основа на ова живеење овде и сега. Колку е тоа препознатливо, се гледа во нашиот пласман на странските пазари.

Дали си размислувал да се прошириш во други области како стилист на ентериер можеби?
Никогаш не викам не, бивајќи еден творец и уметник, можностите за експресија преку дизајн треба да се искористат максимално, во области во коишто сметам дека би имало успех.

Да позборуваме за уличната мода кај нас. Има ли подобрување со оглед на тоа дека сме преплавени со копии и брендови за масовно производство?
Сè додека модата ја диктираат три излози од шпанските конгломерати ние нема да имаме автентична улична мода и субкултури во истата и тоа треба да ни е јасно. Најголема улога тука игра кризата на идентитет и “муда” да се биде трн во око, а не економските неможности.

Како би сакал да изгледаат девојките и жените оваа зима? А мажите? Дали мислиш дека младата генерација повеќе обрнува внимание на стајлингот денес во споредба да речеме пред 5-10 години?
Најмалку што сакам е да генерализирам како би сакал да ги гледам и едните и другите како трло, токму поради тој униформизам се борам. Треба да има и од едните и од другите, и петтите и седмите... разноликост е тоа што ни недостига, а не девојки –гаучоси со понча и шешири, што немаат коњ ама имаат под рака маж - дрвосечач/војвода/капидан. Сметам дека порано имавме повеќе разновидност во начинот на експресивност преку модата, не дека и тогаш не постоеја шаблони.

Колку според тебе понудата на културниот и забавниот живот во еден град влијаат врз желбата на луѓето да се дотераат и да ја покажат својата креативност кога е стилот во прашање?
Тоа ни е првата грешка, што дотерувањето го правиме за други, и во корелација со одреден настан, којшто повеќе или помалку го има. Облекување и дотерување треба да е составен дел од сечие едно битие, поглед на свет, свои фрустрации стравови и радости.

На која јавна личност би ѝ направил мејковер на стилот?
На првата што ќе си признае дека прави грешка и нема да ми кажува како да си ја вршам работата кога ќе побара помош од мене (се смее)

Кои се според тебе must have парчиња за оваа сезона?
Како и секоја сезона до сега, прво самодоверба и самосакање, надополнети со добри кожни чизми на ниска потпетица и девојки, олабавете со вино карминот

Објавено во | 21.12.2015 - 15:23
Тагови:

Лајкнете не на Facebook