Search form

ВРЕМЕНСКА
ПРОГНОЗА
  • Скопје
  • Битола
  • Охрид
  • Струга
  • Куманово
  • Тетово
  • Гостивар
  • Велес
  • Штип
  • Прилеп
  • Струмица
  • Гевгелија
  • Крива Паланка
  • Дебар
  • Неготино
  • Кавадарци
  • Берово
  • Виница
  • Радовиш
  • Валандово
  • Делчево
  • Кочани
  • Пробиштип

Осум нови модели во теренската офанзива на Volkswagen

На најголемата европска марка ѝ недостигаат теренци. Тоа ќе се коригира. Во следните три години ќе пристигнат уште осум нови модели од сегментот на теренците. Tiguan е само почетокот.

Токму на најголемата европска марка ѝ недостигаат модели во сегментот што бележи и ќе бележи уште порапиден тренд во продажбата. Од петте основни моделски серии, спортски теренци и кросовери се присутни во само две, со Touareg и Tiguan. 

Очигледно е дека постои празнина, особено ако се има предвид дека конкурентите не пропуштаат да ги запоседнат сите можни сегменти. Но, празнината нема да остане уште долго. Volkswagen штотуку почнува силна моделска офанзива, за секој поважен сегмент да биде пополнет со по еден спортски теренец.

Не би требало да претставува проблем тоа што Volkswagen релативно доцна се приклучува на трендот. Првиот Tiguan исто така се појави доцна, но за кусо време стана еден од водечките модели во продажбата. Сега ситуацијата е малку поразлична. Додека при појавувањето на првата генерација на Tiguan постоеја само шест конкуренти на пазарот, сега нивниот број достигнува триесетина.

Дури и Tiguan нема да остане само на една верзија. За почеток се планира изведба со меѓуоскино растојание подолго за десетина сантиметри во споредба со стандардниот Tiguan, којашто ќе дебитира на салонот во кинескиот Ганжу во ноември. Како опција ќе стои на располагање трет ред седишта, што е важен фактор на кинескиот пазар. Tiguan XL ќе се произведува локално за најголемиот пазар во светот.

Од Tiguan ќе произлезе цело моделско семејство, вклучувајќи и купе изведба

Паралелно се развива и верзија на северноамериканскиот пазар, чиешто производство ќе се одвива во фабриката во Мексико. Во почетокот на следната година, продолжената изведба на Tiguan ќе стартува со продажба и на европскиот пазар. Потоа следува и купе-изведба, најверојатно во почетокот на 2018 година, како „евтин“ конкурент на Range Rover Evoque или Jaguar F-Pace.

Првите новитети сепак пристигаат веќе в година, позиционирани во пониските сегменти. Со „поместувањето“ во сегмент погоре, новиот Tiguan остави простор за уште еден теренски модел на база на Golf, којшто со големината и моделската спецификација ќе го пополни местото на првата генерација на Tiguan. Дизајнот и пропорциите на овој компактен теренец ќе се раководат според студијата T-Roc, прикажана уште пред три години.

Кросоверот на база на Polo засега ќе биде долен праг на теренската понуда

Вториот нов модел во сегментите под Tiguan ќе биде позициониран како конкурент на Renault Captur и Peugeot 2008. Токму во овој дел од пазарот се предвидува најголем раст во продажбата во следните години. Студијата T-Cross од салонот во Женева се појави во отворена каросериска изведба, но е јасно дека серискиот модел ќе биде сосема стандарден во тој поглед.

Во дизајнот ќе постојат поголеми разлики меѓу одделните модели отколку досега, првенствено со варијации на големината и формата на предните светла. Серискиот кросовер со техника од Polo и дизајн од студијата T-Cross ќе има комбинација од малечки светла и голема маска, кај теренецот на база на Golf ќе биде спротивно, со комбинација од мала маска и големи светла, додека идниот Touareg повторно ќе комбинира помали светла во споредба со димензиите на маската.

Volkswagen веќе го прикажа идниот Touareg преку студијата T-Prime

Големиот теренец на Volkswagen се очекува на преодот во 2018 година, изработен врз база на модуларната платформа од Audi Q7. Изгледот на идниот Touareg исто така е веќе познат. Volkswagen го најави дизајнот на својто најголем теренец на салонот во Пекинг, преку студијата T-Prime. Германците најавија и поголемо посветување на Touareg кон луксузот, комфорот и стилот, отколку на теренот, како што беше случај досега.

Дел од големата „теренска“ офанзива ќе биде и моделот што ќе се произведува во фабриката на Volkswagen во САД и ќе се ориентира првенствено според вкусот на тамошните купувачи, што значи должина на каросеријата од најмалку пет метри. За разлика од Touareg, американскиот модел нема да биде толку софистициран и соодветно на тоа ќе се нуди по значително пониска цена. Светот ќе го види овој автомобил во ноември, на салонот во Лос Анџелес, за продажбата да стартува во следната пролет. Големиот спортски теренец ќе им се нуди и на кинеските купувачи. Една година по премиерата на стандардниот модел се очекува и купе-верзија.

Мини-кросоверот на основа на Up останува за подоцна

Единствено ќе остане непокриен сегментот под четири метри, со мини-кросовер на база на Volkswagen Up. Засега е мала веројатноста за појавување на модел во овој сегмент, главно поради слабиот интерес на европскиот пазар. Поголеми се шансите за овој модел на пазарите во Јужна Америка.

Покрај стандардните погонски варијанти, во новиот бран спортски теренци ќе се нуди и плагин-хибриден погон, како и варијанта на таканаречен благ хибрид, со струјна мрежа под напон од 48 волти и стартер-генератор со ременски погон.

Преземено од Automedia.mk.

Тагови:
19.05.2016 - 13:21

Лајкнете не на Facebook