Јани, ученик кој почнал со кодирање кога имал 8 години, добил 10 илјади долари од Фејсбук откако забележал безбедносна дупка во кодот на Инстаграм која им овозможувала на корисниците да бришат туѓи коментари.
„Тестирав дали делот за коментари на Инстаграм може да поднесе малициозен код. Испадна дека не може. Видов дека можам да бришам туѓи коментари - можев да избришам каков било коментар, дури и на Џастин Бибер“, изјавил Јани за финскиот весник Iltalehti.
Грешката ја пријавил во февруари и истата била поправена во март.
Јани е најмладата личност на која и биле доделени пари во рамките на програмата на Фејсбук за наоѓање багови, која од почетокот во 2011-та година, исплатила 4,3 милиони долари на повеќе од 800 луѓе.
Претходниот рекордер имал 13 години. А младиот Јани планирал да ги потроши парите на фудбалска топка и нов велосипед.