Search form

ВРЕМЕНСКА
ПРОГНОЗА
  • Скопје
  • Битола
  • Охрид
  • Струга
  • Куманово
  • Тетово
  • Гостивар
  • Велес
  • Штип
  • Прилеп
  • Струмица
  • Гевгелија
  • Крива Паланка
  • Дебар
  • Неготино
  • Кавадарци
  • Берово
  • Виница
  • Радовиш
  • Валандово
  • Делчево
  • Кочани
  • Пробиштип

Глобалниот џипси-панк феномен GOGOL BORDELLO во Скопје!

Покрај веќе најавените гостувања на Kraftwerk и Lord Of The Dance, ТАКСИРАТ во чест на јубилејното 20-то издание во 2018-та година, со задоволство го најавува и концертот на GOGOL BORDELLO, славниот џипси-панк бенд и еден од најимпресивните live бендови на денешницата, кој на 29-ти мај гостува во Младинскиот Културен Центар во Скопје, а во рамки на Seekers And Finders турнејата за истоимениот, нов албум.

Комбинирајќи ги панк и ромската музика со хумор и ефектни, хаотични и енергични сценски настапи, Гогол Бордело (Gogol Bordello) ја раскажува приказната за имигрантите и дијаспората. Предводникот на бендот, украинецот Јуџин Хуц (Eugene Hütz), бегајќи од катастрофата во Чернобил, се вљубува во мистичните тонови и богатството на ромската музика која не ѝ припаѓа на „мејнстримот“, но со која е поврзан и од семејните корени. Живеејќи како бегалец во Европа, и самиот го искусил животот во кој не припаѓа никаде, сѐ додека музичкиот пат не го одведе во Њујорк каде што го оформува бендот.

Во 1999-та година го објавуваат првиот албум „Voi-La Intruder“ кој го претставува ворлд-мјузик звукот отсвирен во полна панк брзина, а на кој како соработник и продуцент се потпишува и Џим Скалвунос (Jim Scalvunos) тапанарот на Nick Cave & The Bad Seeds. Комплетниот бенд со гитари, тапани, хармоника и саксофон на ова издание звучи моќно, а за дополнителна популарност придонесе и самиот Хуц пуштајќи џипси музика во ноќните клубови. Подоцна нивната уникатност и креативност ја освојува и популарната музичка ѕвезда Мадона, која соработува со Гогол Бордело на нејзиното режисерско деби, филмот „Filth and Wisdom“ во кој, покрај музиката, Јуџин Хуц е задолжен и за главната улога.

Со осумте досега студиски изданија, подоцна проследени со небројни турнеи, со незапирливиот продор на Јуџин на уметничката и филмската сцена, како и поддршката од славните имиња на светската сцена, членовите на Гогол Бордело со право важат за големи меѓународни музички ѕвезди кои од андерграунд легенди прераснаа во интернационален феномен. Гогол Бордело е бенд за кој се вели дека постојано го истражува креативниот пекол и ја напаѓа човечката пасивност, бенд кој оди и чекор над музиката, над политичкото, насочувајќи го вниманието кон уметничката револуција на глобалното доба, а следната година нивната нескротлива сценска енергија конечно ќе имаме прилика да ја доживееме и во Скопје. Неповторливиот еклектичен бенд гостува во Скопје промовирајќи го својот нов албум „Seekers And Finders“ објавен во август годинава, а кој се појавува четири години по студискиот претходник „Pura Vida Conspiracy“ (2013).

ТАКСИРАТ во 2018-та го прославува своето јубилејно 20-то издание, а со концертот на ГОГОЛ БОРДЕЛО македонската публика има загарантирана незаборавна славеничка вечер на 29-ти мај во МКЦ.

Влезниците за овој концерт се достапни преку продажната мрежа на МкТикетс и само во органичен број! Најповолната цена од 500 денари е ограничена само за првите 300 билети, а по нивното распродавање, вториот и третиот подеднаков контингент влезници ќе бидат достапни по цена од 600 и 700 денари.

Објавено во музика | 21.12.2017 - 12:00
Тагови:

Лајкнете не на Facebook