Search form

ВРЕМЕНСКА
ПРОГНОЗА
  • Скопје
  • Битола
  • Охрид
  • Струга
  • Куманово
  • Тетово
  • Гостивар
  • Велес
  • Штип
  • Прилеп
  • Струмица
  • Гевгелија
  • Крива Паланка
  • Дебар
  • Неготино
  • Кавадарци
  • Берово
  • Виница
  • Радовиш
  • Валандово
  • Делчево
  • Кочани
  • Пробиштип
ДАРКО РУНДЕК со своето КАРГО ТРИО го промовира новиот албум „Мостови“ во рамки на Таксират Фестивал

РУНДЕК КАРГО ТРИО со самостоен концерт во Скопје

Легендарниот хрватски музичар Дарко Рундек во рамки на оф-програмата на 17-тиот Таксират фестивал, ја закажува новата средба со фановите од Македонија на концерт кој ќе се одржи на 30. ноември во МКЦ во Скопје.

Некогашниот лидер на култната група „Хаустор“, која беше еден од предводниците на „новиот бран“ од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, со своето „Карго Трио“ се враќа пред македонската публика со промоција на извонредниот и веќе одлично прифатен нов албум „Мостови“. Со новиот албум, Рундек Карго Трио годинава одржа бројни распродадени концерти ширум целиот регион и Европа, а со оглед на огромниот интерес кој тој го предизвика, групата ја продолжува промотивната турнеја во чии рамки на наше огромно задоволство се наоѓа и Скопје.

Секогаш необичниот Рундек, веќе одамна го зацврсти своето реноме на вешт и искусен музичар кој е во состојба да го промени музичкиот пристап на секој нов албум, додека истовремено успева да го задржи својот препознатлив печат. Згора на тоа, албумот „Мостови“ доаѓа и како круцијален доказ дека авторот и по 35 години кариера е сѐ уште во полн творечки нагон.

Албумот кој официјално беше објавен на 25 мај годинава ни носи свеж и поинаков звук од првиот албум на Рундек Карго Трио („Плави авион“, 2010). Дарко Рундек, Душан Враниќ и Изабел Катала овојпат се инспирирани од престојот на Јадран, но на овој албум се вткаени многу стварни и нестварни патувања – од Индија до Франција, од Шведска до вселената...

Незаобиколни се и фантастичните музички критики кои ги собра ова музичко остварување, според кои станува збор за едно од ремек делата на регионалната музичка сцена во последните дваесет години. Албумот е оценет како вистинско ескапистичко патување надвор од орбитата на тажното секојдневие, кое воедно е поглед кон себе и својата средина од која и изникна Рундек.

Најновиот сингл од овој албум „Ima ih“, се чини дека го следи успехот на „Don Juan“ со кој и беше најавен албумот. Иако со многу тешка тематика, токму оваа песна публиката на концертите бурно ја препознава, бидејќи ги одразува токму нејзините прашања, тежнеења и побуни. „Мостови“ содржи вкупно 11 песни со длабока симболика која Дуцо, Изабел и Дарко ќе ни ја откријат во целост за неколку недели на концертот во Скопје. Публиката ќе има вистинска прилика во посебна атмосфера  да ужива со новиот материјал на овој неуморен музички номад кој плени со секоја нова изведба, но и со старите хитови на „Хаустор“ кои останаа запаметени како класици на регионалниот рокенрол меѓу кои и песните како „Ена“, „Узалуд питаш“, „Шал од свиле“...

Влезниците за концертот на РУНДЕК КАРГО ТРИО ќе бидат достапни во продажба од 1. ноември (недела) преку МКтикетс. Цената на билетите во претпродажба ќе биде 300 денари, додека истите на денот на концертот ќе чинат 400 денари.

Покрај концертот на РУНДЕК КАРГО ТРИО, во рамки на офф-програмата на 17. издание на ТАКСИРАТ ќе се одржат повеќе настани, од кои веќе се најавени втората меѓународна музичка „ПИН конференција“ на 27. и 28. ноември во МКЦ, која ќе биде затворена со годинашното издание на „ЛУЗЕР ФЕСТ“ (сабота, 28. ноември). Главната вечер на ТАКСИРАТ пак, е закажана на 7. декември во „Метрополис Арена“ каде веќе е потврдено дека ќе ги пречекаме авангардните словенечки индустријал легенди „ЛАЈБАХ“ и еден од најактивните и најжестоките каталонски бендови „ЛА ПЕГАТИНА“. Наскоро ќе бидат објавени и новите изведувачи кои ќе бидат задолжени за 17. ТАКСИРАТ да го запаметиме како исклучително позитивно доживување од нашето градско (не)секојдневие.

Објавено во музика | 28.10.2015 - 13:25
Тагови:

Лајкнете не на Facebook

” Секогаш запаметете дека сте апсолутно уникатни. Исто како и сите други „

Маргарет Мид